Фармацевтската комора на Република Северна Македонија во текот на изминатиот период реализираше значајни активности насочени кон унапредување на фармацевтската здравствена дејност и подобрување на професионалниот статус на фармацевтите.
Во фокусот на делувањето беа актуелните прашања поврзани со секојдневното вршење на фармацевтската дејност, како и усогласувањето со измените и дополнувањата на законската и подзаконската регулатива. Со цел поефикасно адресирање на предизвиците, во рамките на Комората беа формирани повеќе работни групи, составени од членови кои активно работат на оваа проблематика.
Неделава во Собранието на Република Северна Македонија претседателката на Фармацевтската комора, Весна Ставрова, придружувана од членови на Управниот одбор, се сретнаа со претседателката на Комисијата за здравство, Рашела Мизрахи и со пратеничката Ели Панова.
Особено внимание е посветено на дефинирање и уредување на опфатот на фармацевтската дејност, преку прецизно и таксативно утврдување на услугите што се обезбедуваат во аптеките како здравствени установи.
Овој процес има за цел да придонесе кон поголема јасност, стандардизација и унапредување на квалитетот на фармацевтските услуги.
Паралелно, на одржаните состаноци беа разгледани и активностите поврзани со Фондот за здравствено осигурување, како и прашањата и предизвиците кои подолг период се актуелни во фармацевтскиот сектор.
Фармацевтската комора останува посветена на континуирано унапредување на професијата, со крајна цел обезбедување поквалитетна, достапна и навремена услуга за пациентите.
Фармацевтите, како едни од најдостапните здравствени професионалци, имаат клучна улога во градењето доверба со пациентите, како и во превенцијата и постигнувањето подобри здравствени резултати.
