Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија ги информира давателите на здравствени услуги – ПЗУ аптеките кои имаат активен договор со Фондот за 2019 година дека треба да пристапат кон склучување на договор со Фондот од 01.01.2020 година до 31.12.2026 година.
Договорот ќе биде изготвен и истиот ќе се потпишува електронски со дигитален сертификат од двете договорни страни. За таа цел, здравствените установи треба да ги превземат следните чекори:
– Барањата за склучување на договорите треба да се поднесуваат електронски преку веб порталот на Фондот верификувани со квалификуван дигитален сертификат на управителот на здравствената установа (директор).
– Здравствените установи кои немаат важечки дигитален сертификат, истиот треба да го обноват веднаш.
Рокот за поднесување на барање за склучување на договорите со сите здравствени установи започнува да тече од 13.12.2019 заклучно до 23.12.2019 година.
Потребни предуслови за непречено одвивање на процесот на поднесување на барање за склучување на договор:
– Овластените лица од ЗУ да имаат креиран профил за најава на порталот на ФЗОРСМ
– Овластените лица од ЗУ да имаат квалификувани сертификати од една од двете овластени сертификациски куќи во РСМ
– Овластените лица да имаат креирана асоцијација на важечки квалификувани дигитални сертификати
Доколку овластеното лице на здравствената установа не поднесе барање за склучување на договор со Фондот на 01.01.2020 година, ќе ги изгуби привилегиите кои истиот ги има во системот како избран лекар/ лекар специјалист. Во таков случај на профилот на лекарот ќе бидат достапни само функционалностите предвидени како и за сите останати осигурени лица на Фондот.
Фондот апелира до сите чинители во здравствениот систем, крајно сериозно и одговорно да пристапат кон процесот на склучување на договорите користејќи ги поволностите кои Фондот ги овозможи во име на добрата деловна соработка и се разбира во интерес на континуирана и квалитетна здравствена заштита за осигурените лица.
Активностите кои е потребно да се преземат за да се спроведе процесот на потпишување на договорите детално е опишан во Прилог 1 кој е составен дел од ова Известување.
Прилог 1: Техничко упатство
Со почит, ФЗОРСМ