На покана на претседателката на Фармацевтската комора на Црна Гора, Миланка Жугиќ, претседателката на Фармацевтската комора на Република Северна Македонија, м-р Весна Ставрова, заедно со поранешната претседателка на Комората, м-р Бистра Ангеловска, учествуваа на Симпозиумот „Персонализирана фармација: од магистрални решенија до клиничка поддршка“, кој се одржа во Будва, во периодот од 06 до 08 февруари 2026 година.

На настанот присустуваа претставници на фармацевтските организации од регионот, при што беа разменети професионални искуства и ставови во насока на унапредување на фармацевтската дејност и јакнење на улогата на фармацевтите во системот на здравствената заштита.
Целта на симпозиумот беше унапредување на професионалната пракса преку размена на знаења, искуства и добри практики, како и поттикнување на регионалната соработка и зацврстување на позицијата на фармацевтите како важен сегмент во современиот здравствен систем.

Присуството на Фармацевтската комора на РСМ на овој Симпозиум ја потврдува нејзината репутација како релевантен партнер во регионални рамки. Преку споделување на професионалните искуства со колегите од соседството, Комората обезбедува континуитет во развојот на фармацевтската дејност и се залага за повисоко ниво на здравствена услуга за сите граѓани.

