Меѓусебна соработка на полето на едукацијата и тренинг програмите, во насока на унапредување на фармацевтската практика и јакнење на стручните и професионални компетенции на фармацевтите. Ова се главните аспекти на Меморандумот за разбирање што го потпишаа фарм.спец.Весна Ставрова, претседател на Фармацевтската комора на РС Македонија и Даниел Злот, претседател на Американската фармацевтска асоцијација (APhA).
Како што беше истакнато на свечениот чин на потпишувањето, Американската фармацевтска асоцијација и Фармацевтската комора на РС Македонија, делат идентични вредности кога станува збор за стручното унапредување, високите критериуми за развој и унапредување на професионалните и етичките вредности на фармацевтите, како и поставувањето на пациентите во фокусот на вниманието.
На задоволство на двете страни, беше констатирано дека соработката меѓу двете еснафски асоцијации треба да продолжи и понатаму во правец на континуирана размена на информации и продлабочување на меѓусебното пријателство.
