Фармацевтите, заедно со лекарите, претставувaат неделив дел од здравствениот систем и како најдостапни здравствени работници, кај нив пациентите можат да се обратат без најава, да ги побараат на телефон и во секој момент да добијат совети за употреба на лековите, но и примарна здравствена заштита, изјави фарм.спец. Весна Ставрова, претседателка на Фармацевтската комора на Република Северна Македонија, во гостувањето на утринската програма на телевизија Телма.
Како што нагласи таа, фармацевите во аптеките, имаат клучна улога во менаџирање на терапијата кај пациентите, и тоа од фармаколошки и нефармаколошки аспект, што особено важи за хронично болните лица кои се во постојан контакт со нив.
Ставрова се осврна и на улогата на болничките фармацевти, без чии компетенции, не може да се замисли ниту една клиничко-болничка установа. Но, и на значењето на фармацевтите кои работат во доменот на фармацевтската индустрија, претставништвата и веледрогериите.
Во интервјуто за Телма телевизија, претседателката на Фармацевтската комора, говореше и за измените во Законот за здравствена заштита, со што фармацевтите добивааат можност за проширување на листата на услуги, што може да се даваат во аптеките, а кои се во насока на превентивно делување и на третман на одредени болести. Станува збор за услуги што се нормативно уредени во другите држави и кои успешно ќе се вклопат во нашиот здравствен систем и нема да предизвикаат никакво нарушување во листата на здравствени услуги што ги даваат останатите здравствени работници. Тоа се услуги, како што се мерење шеќер, мерење крвен притисок, правање тестови кои се потврда на некои дијагнози и слично.
Говорејќи за процесот за формирање на цените на лековите, Ставрова нагласи дека ценовната политика на лековите ја води Министерството за здравство и фармацевтите во аптеките немаат можност за интервенција во оваа сфера.