Потпишан Меморандум за соработка меѓу фармацевтските комори на Северна Македонија и Косово

РАЗМЕНА НА ПРОФЕСИОНАЛНИ ИСКУСТВА ЗА СТРУЧНО ОСПОСОБУВАЊЕ НА ФАРМАЦЕВТИТЕ

Продлабочување  на  меѓусебната соработка на коморите и  јакнење на професионалните  капацитети во функција на унапредување на фармацевтите и на фармацевтската дејност, е суштината на Меморандумот за соработка помеѓу Фармацевтската комора на Република Северна Македонија и Комората на фармацевти  на Косово. На пригодна свеченост, на која присуствуваше и министерот за здравство на РСМ д-р Арбен Таравари, Меморандумот го потпишаа спец.фарм. Весна Ставрова, претседател на ФКРСМ и Кадри Битиќи, претседател на КФК.

Целта на овој меморандум е да се поттикне организацијата и развојот на научните активности за стручно оспособување на фармацевтите од аспект на гарантирање и подобрување на нивните професионални вештини.  Документот предвидува  продлабочување на професионалните односи меѓу двете еснафски организации во насока на размена на искуства и идентификување на професионалните стандарди и нивно усогласување со професионалните трендови во фармацијата.

Во одредбите на Меморандумот е наведено дека двете страни , потписнички,  меѓусебно ќе  соработуваат во правец  на осмислување и спроведување на посебни програми  и активности за реализирање стручни обуки во фармацевтскиот сектор.

 Како што беше истакнато, не е само „печатот“ на Меморандумот  тој што обврзува на соработка. Многу повеќе од тоа значи цврстото  пријателство, меѓусебната комуникација, која се повеќе ќе се продлабочува, не само во интерес на еснафот , туку и за доброто  на пациентите. Овие меѓусебни средби се особено значајни, пред се за  размена на  информации и искуства што  за  фелата е драгоцено, бидејќи информацијата ја движи струката напред. Во  фармацијата, како и во медицината, иновациите се движат со космичка брзина, а најдобар начин тие да се споделат е токму преку вакви  заеднички средби.

 Инаку, на средбата со министерот за здравство д-р  Таравари, стана збор и за проширувањето на листата на фармацевтските услуги што може да се вршат во аптеките на примарно ниво на здравствена заштита Меѓу  бројните такви услуги се, на пример, скриниг и мониторинг на гликоза во крвта, мерење телесна тежина, совети за пациентите со полесна симптоматологија, учество  во спроведување на програми за пациенти со дијабетес и астма и др.

Со потпишувањето на новиот анекс на колективниот договор извршена е корекција на звањата согласно Законот за здравствената заштита, со која фармацевтите како здравствени работници со високо образование се изедначени со докторите на медицина и докторите на стоматологија.

Почни да пишуваш и притисни ентер за пребарување