Под мотото „ Фармацевти: Во пресрет на глобалните здравствени потреби “, годинава се одбележува 25 септември, Светскиот ден на фармацевтите. Годинашното мото на ФИП, лидерот на фармацијата на глобално ниво, произлегува од здравствените предизвици со кои се соочува светот и се поголемата важност од обезбедување еднаков пристап до добра здравствена заштита преку одржливи здравствени системи во сите земји.
Како резултат на пандемијата, повеќе земји и организации развија нови глобални здравствени стратегии, поставувајќи ги итните сегашни и идни предизвици, како што се, недостатокот на пристап до здравствена заштита, недостигот на здравствени работници, антимикробната отпорност, климатските промени и загадувањето на воздухот, ХИВ и новите заразни болести.
Како интегрални членови на системите за здравствена заштита, фармацевтите играат витална улога во задоволувањето на здравствените потреби. Обезбедуваат пристап до основните лекови, даваат совети и примарна здравствена заштита, особено во услови со ограничени ресурси. Тие помагаат во спречување на болести , учествуваат во истражување и развој на нови лекови и се грижат антибиотиците да се користат само кога е потребно.Како што се покажа и за време на ковид пандемијата, фармацевтите се во првите редови при справувањето со глобалните здравствени кризи.
Кампањата на Светскиот ден на фармацевтите на ФИП е средство за професијата да го слави придонесот што го дава за подобро здравје ширум светот.
Нека ни е честит 25 септември, Светскиот ден на фармацевтите.