Почитувани колеги фармацевти,
Дозволете најпрво да ви го честитам 25 септември – Светскиот ден на фармацевтите и да ја изразам својата најдлабока почит и восхит за вашата неизмерна посветеност и огромниот придонес што го имате во борбата со „КОВИД-19“. Токму довербата што пациентите и здравствениот систем ја имаат кон фармацевтите, како најдостапни здравствени работници, особено сега во време на пандемијата со корона вирусот, претставува поттик годинашното мото на Светскиот ден на фармацевите да биде „Доверете ни го вашето здравје“.
Довербата е клучен сегмент во меѓучовечките односи и е од суштинско значење во процесот на здравствената грижа. Бројни истражувања , веќе години наназад , во континуитет ги сместуваат фармацевтите меѓу петте најдоверливи здравствени работници, а за тоа секако придонесува нашата искрена грижа кон пациентите и издвоеното време да ги сослушаме нивните потреби.Нашите дополнителни напори за време на КОВИД-19 пандемијата, ни помогнаа да воспоставиме цврста врска со пациентите и да продожиме со градење позитивни односи.
Нашето задоволство е огромно бидејќи луѓето им веруваат на нашите совети. Тие ни веруваат , а ние фармацевтите се трудиме да ја оправдаме нивната доверба.
Свесни колку фармацевтите ја уживаат довербата кај населението, се повеќе влади во светот нам ни го доверуваат управувањето со вакцините, а во време кога владее несигурност кон вакцинацијата, ние фармацевтите даваме совети поткрепени со најновите научни докази и луѓето ни веруваат.
Почитувани колеги, почитувани пациенти, ве повикуваме да ни се придружите во одбележувањето на 25 септември, да ни ја покажете вашата благодарност за довербата во нашата професија и нејзината важност за напредок на здравството во секој дел од светот!