ФАРМАЦЕВТИТЕ ИМААТ ОГРОМНА УЛОГА ВО ЕДУКАЦИЈА НА ПАЦИЕНТИТЕ
Минатата година беа изгласани измените во Законот за здравствена заштита за проширување на листата на услуги што ќе може да ги пружаат фармацевтите во аптеките. Листата на услуги, што е дефинирана од Фармацевтската комора, е поднесена во Министерството за здравство.Направени се измени во правилникот во однос на простор и опрема, што треба да ги поседува една аптека за да може да ги врши соодветните услуги и тие се доставени во Министерството за здравство.Се надеваме на позитивен одговор,нагласи спец.фарм.Весна Ставрова, претседател на Фармацевтската комора на Република Северна Македонија на Третиот смарт симпозиум, од меѓународен карактер, на тема „Аптекарска здравствена заштита“, посветен на хипертензија, дислипидемија и обезност.
Како што нагласи таа, ќе се одредат минимални симболични цени, за што пациентите ќе можат да добијат одредена услуга во аптека, а овие услуги нема да бидат плаќани преку Фондот. Зборувајќи за активностите за проширување на услугите кои фармацевтите ги вршат во аптеките, таа нагласи дека се работи за услуги што се нормативно уредени во другите држави и кои успешно ќе се вклопат во нашиот здравствен систем и нема да предизвикаат никакво нарушување во листата на услуги кои ги даваат останатите здравствени работници. Станува збор за услуги , како што се мерење шеќер, мерење крвен притисок, правење тестови кои се потврда на некои дијагнози и слично.
Претседателката на Фармацевтската комора, во своето обраќање на панел дискусијата на Третиот смарт симпозиум, говореше за тоа колку воведувањето на фармацевтските услуги во аптеките ќе помогне во правилното менаџирање на терапијата кај пациентите со хронични состојби.Ставрова ја истакна и огромната улога која ја играат фармацевтите во едукацијата на пациентите и следењето на нивната терапија, а се обиде да даде одговор и на прашањето дали постојат конкретни иницијативи за зголемување на учеството на фармацевтите во примарната здравствена заштита.Претседателката на еснафската организација , се осврна и на напорите за унапредување на статусот на фармацевтите во општеството.
М-р фармацевт Џоана Андоноска,претседател на Здружението на приватни аптеки на Република Северна Македонија,на прес-конференцијата одржана во рамките на симпозиумот, рече дека нивната цел е унапредување на компетенциите и улогата на аптекарите како значајни здравствени работници, советници и партнери на пациентите.
Во рамките на симпозиумот беше нагласена и потребата од фармацевтско или електронско досие за пациентите, како начин на комуникација помеѓу лекарите и фармацевтите, во интерес на пациентите, за во него да се забележи дали се подигнува терапијата и како пациентот реагира на неа, дали постојат несакани ефекти, или пак се пристапува кон самолекување.