Средба на претставници на Фармацевтската комора со министерот за здравство д-р Арбен Таравари

ПОДДРШКА ЗА ПРОШИРУВАЊЕ НА ЛИСТАТА НА УСЛУГИ НА ФАРМАЦЕВТИТЕ ВО АПТЕКИТЕ

Поддршка за проширување на листата на услуги на фармацевтите, кои работат во приватните аптеки, добија претставниците  на Фармацевтската комора на Република Северна Македонија, на денешната средба во Министерството за здравство. На  состанокот  министерот за здравство д-р Арбен Таравари и претставниците на Фармацевтската комора на Република Северна Македонија- претседателката спец.фарм.Весна Ставрова  и членот на Извршниот одбор на  Комората, дипл. фарм. Имер Имери,  се согласија дека проширувањето на листата на услугите што би се  вршеле во приватните аптеки ќе значи многу  за фармацевтите,  за граѓаните и конечно за целокупниот здравствен систем.

Имено, од една страна,  проширувањето на листата на услуги ќе значи подигнување на професионалното ниво на  здравствените работници – фармацевти, по примерот на земјите од Европската Унија и од светот. Од друга страна, проширувањето на листата на услуги,  ќе  претставува и големо  растоварување на  здравствениот систем. И конечно, најголем бенефит од сето ова ќе имаат граѓаните на кои во аптеките, каде што ги добиваат неопходните лекови, ќе може истовремено да им биде измерен крвен притисок или  шеќер, како и да им бидат направени други тестови за потврда на одредени дијагнози.

Проширувањето на услугите на фармацевтите во  аптеките има законска поткрепа  со Измените во Законот за здравствена заштита, а Фармацевтската комора на Република Македонија, како предлагач на оваа законска измена, има  поддршка од Фармацевтската групација при Европската Унија – PGEU.

 На средбата, претставниците на Фармацевтската комора добија поддршка од ресорниот министер Таравари  за потребата од  континуирано унапредување  на статусот на фармацевтите, како најдостапни здравствени работници  и неопходноста од нивно третирање како рамноправни чинители во здравствениот систем на државата. 

Беше заземен заеднички став дека соработката меѓу Министерството за здравство и Фармацевтската комора треба да продолжи во континуитет во насока на постојано унапредување на положбата на фармацевтите и на подобрување на здравствените услуги  за  пациентите. 

Почни да пишуваш и притисни ентер за пребарување