Е- РЕЦЕПТОТ ОГРОМНА ПРИДОБИВКА ЗА ПАЦИЕНТИТЕ, ЛЕКАРИТЕ И ФАРМАЦЕВТИТЕ
Зголемување на цената на услугата во аптеките, воведување електронски рецепт , признавање на фактурите на аптеките во случаи на ретроактивно осигурување на осигурениците, како и проширување на листата на услуги што се вршат во аптеките, беа тема на состанокот на претставниците на Фармацевтката комора на РСМ, спец. фарм. Весна Ставрова и на Здружението на приватни аптеки на РСМ , м-р фарм. Џоана Андоноска, со директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски.
На средбата, првично беше отворено прашањето за покачување на цената на услугата за издавање лек на рецепт, при што првиот човек на Фондот се согласи дека корекцијата е навистина неопходна и беше договорено разговорите во оваа насока да продолжат и понатаму. Комората презентираше анализа и методологија за пресметка на висината на цената на услугата издавање лек на рецепт.
Тангирајќи ја темата околу електронскиот рецепт, беше нагласено дека тој ќе претставува огромна придобивка за фармацевтите во аптеките, за матичните лекари, но, пред се, за пациентите. Неговата имплементација ќе овозможи бесхартиени рецепти, а ќе вклучи и автоматско синхронизирање на софтверите кај матичните лекари и кај аптеките при промени во Фондот, како што е, на пример, внесување нов лек.
Претставничките на фармацевтскиот еснаф, во разговорот со Клековски, го отворија и прашањето околу изнаоѓањето решение за надминување на проблемот со непризнавањето на рецептите на аптеките за издадени лекови во случаите на ретроактивно одјавување на осигурениците, при што двете страни се согласија дека итно треба да се изнајде решение за овој проблем. Со тоа ќе им се овозможи на лицата, на кои им престанал основот на осигурување, да можат да ги користат правата од задолжителното здравствено осигурување и во спорниот период на кои законски имаат право, од друга страна, аптеките нема да бидат финансиски оштетени. Се смета дека овој проблем ќе се надмине со воведување на е-рецептот.
Директорот на Фондот Клековски изрази безрезервна поддршка на измените во Законот за здравствена заштита, со што на фармацевтите им се дава можност за проширување на листата на услуги, што може да се даваат во аптеките, а кои се во насока на превентивно делување и на третирање одредени болести. Се работи за услуги што од поодамна се воведени во другите држави,како што се мерење шеќер, мерење крвен притисок, правање тестови кои се потврда на некои дијагнози, и кои успешно ќе се вклопат во нашиот здравствен систем, дотолку повеќе што нема да предизвикаат никакво нарушување во листата на здравствени услуги што ги даваат останатите здравствени работници.