КОНТИНУИРАНО УНАПРЕДУВАЊЕ НА СТАТУСОТ НА ФАРМАЦЕВТИТЕ
Улогата и значењето на фармацевтите за здравствениот систем и за државата воопшто, беше темата на состанокот што се одржа на 3.10.2024 година, меѓу првите луѓе на Фармацевтската комора на Република Северна Македонија и на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Северна Македонија (МАЛМЕД). На средбата меѓу делегацијата на Комората, предводена од претседателката, спец.фарм. Весна Ставрова, со директорот на МАЛМЕД, дипл.фарм Сефедин Јонузи и заменичката директор м-р фарм.спец. Маја Ковачева, се нагласи потребата од континуирано унапредување на статусот на фармацевтите во општеството и неопходноста од нивно третирање како максимално рамноправни чинители во здравствениот систем на државата.
Како што беше потенцирано, фармацевтите се можеби најдостапните здравствени работници кои, не само што овозможуваат најдобар можен пристап до лековите и даваат совети, туку обезбедуваат и примарна здравствена заштита, особено во услови кога таа не е достапна до граѓаните. Без нивните компетенции, не може да се замисли ниту една клиничко-болничка установа или дејност во доменот на фармацевтската индустрија.
На состанокот на претставниците на Фармацевтската комора со челниците на МАЛМЕД, беа разгледувани и прашањата околу руралните аптеки и мрежата на здравствените установи од аспект на аптеките.
Беше нагласено дека соработката треба да продолжи во континуитет и секогаш во прилог на унапредување на положбата на фармацевтите и на подобрување на здравствените услуги од аспект на бенефитот што од нив го имаат пациентите.