Почитувани,
Членовите на Фармацевтската комора на Република Северна Македонија, преку телата и органите, заедно со претседателката Дипл.фарм. спец. Весна Ставрова, работејки со посебни напори и упорна посветеност на полето на изнаоѓање на решенија за градење на реформи во фармацевтската здравствена дејност, имајќи ги во предвид досегашното искуство и резултатите од него во нашиот здравствен систем, конечно дадоа резултати кои, како новини и решенија влегоа во содржината на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, донесен од Собранието на Република Северна Македонија на ден 07.02.2024 година и објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 30/2024. Со него се донесоа две новини:
Првата е новина со која на аптеките како посебни видови на здравствени установи и нивните организациони единици им се дава можност покрај досегашните услуги: набавка, сместување, чување, издавање, испитување и контрола на лекови, санитетски матерјални средства и лековити супстанции, изработка на магистрални лекови и галенски препарати, давање на упатства за употреба на издадените лекови и набавка и издавање на средства за детска и диетална исхрана, ортопедски помагала, прибори и медицински инструменти да вршат и други услуги кои се однесуваат на давање на информации и совети, како и вршење на превентивни и други услуги поврзани со терапијата на лековите.
На тој начин се создаваат услови и можност нашите аптеки по содржината на својата дејност што ја вршат да стануваат налик и да се доближуваат до аптеките од понапредните здравствените системи на околните држави и подалеку.
Ова проширување со вршење на нови услуги неминовно предизвикува и проширување на листата на здравствени услуги што можат да се вршат во аптеките која, согласно член 26 став (3) од Законот за здравствената заштита ја утврдува министерот за здравство, а аптеките овие услуги ќе можат да ги вршат доколку ги исполнат потребните услови по однос простор, опрема и кадар кои согласно членот 60 став (5) од наведениот закон треба да ги пропише министерот за здравство.
Втората е новина која што исто така се однесува на работењето на аптеките кои спроведуваат фармацевтска здравствена дејност. Со неа за прв пат се даде право Собранието, како орган на Фармацевтската комора на Република Северна Македонија, да донесе акт со кој ќе ги утврди минималните цени на приватните здравствени услуги кои се вршат во аптеките, односно на услугите кои пациентите ги плаќаат со лични средства. Се работи за донесување на акт- единствен ценовник за минимални цени кој ке се применува за фармацевтските услуги кои не се покриваат со средствата од Фондот за здравственото осигурување на Република Северна Македонија. Ова е ценовник кој ке биде единствен и задолжителен за примена во сите аптеки во здравствениот систем на нашата држава.
Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 30/2024.)