Стручното усовршување на здравствените работници со високо образование од областа на фармацијата претставува континуиран процес на стекнување на нови знаења и практични вештини во текот на седумгодишниот период на важењето на Лиценцата за работа. Цел на стручното усовршување е постојано унапредување на веќе стекнатото знаење заради обликување на современ модел на фармацевт и обезбедување единство во фармацевтската пракса.
Стручното усовршување и континуираната едукација се темелат на повеќе начела:
- достапност на облиците за стручно усовршување на сите фармацевти,
- еднаква примена на стекнатите знаења и вештини во процесот на стручно усовршување од страна на фармацевтите при вршењето на фармацевтската дејност во пракса,
- научна основаност и современост на стручно усовршување и информираност за новите светски достигнувања во областа на фармацевтските и здравствените науки,
- оспособеност на фармацевтите спрема светските стандарди,
- слободен избор во процесот на стручно усовршување, односно право и можност на избор на содржината и формата на стручното усовршување.
Облиците на стручно усовршување се форми преку кои фармацевтите постојано го унапредуваат своето знаење и тоа: конгреси, состаноци на стручни здруженија, семинари симпозиуми, стручни предавања на јавни трибини, стручни работилници, курсеви студиски престои научни и стручни звања, објавување на научни и стручни трудови. Облиците на стручно усовршување и правилата за нивно бодување зависат од тоа каде се одржуваат – во земјата или во странство, какво е учеството во обликот на стручното усовршување – активно или пасивно, видот и содржината – дали подлежат на акредитација од страна на Комората или не.
Стручното усовршување го организираат и спроведуваат наставни и научни институции, стручни здруженија, државни органи, правни лица во областа на производството и прометот со лекови.