Под мотото „Безбедни и ефективни лекови за сите“ , на 25 – ти септември се одбележа Светскиот ден на фармацевтите.
По тој повод на 25 – ти септември во Скопје беше одржана свеченост. Со говор се обрати претседателката на Комората, проф. д-р. Бистра Ангеловска каде ја истакна улогата на фармацевтите во секоја сфера на нивното работење, посебно во обезбедувањето на безбедни и ефективни лекови и истовремено ја нагласи неопходноста од поширока општествена активност, соработка помеѓу сите заинтересирани страни и поголемо вклучување на фармацевтите во донесувањето на одлуки поврзани со лековите и нивната употреба. На свеченоста присуствуваат претставници од институциите со кои директно соработува Фармацевтската комора како, Министерството за здравство, Агенцијата за лекови, Фондот за здравствено осигурување, фармацевтските факултети, Лекарската и Стоматолошката комора, Македонското фармацевтско друштво и Здружението на приватни аптеки, на кои им беа доделени благодарници за долгогодишна соработка. На најдобрите студенти од трите универзитети каде се студира фармација, Марио Игњатовиќ, Саранда Сулејмани и Гордана Палифрова беа наградени без надомест да полагаат стручен испит во Комората.
Истовремено за пациентите беше изработен леток кој се дистрибуираше преку сите аптеки на територијата на нашата држава со цел осврнување на важноста на фармацевтите како здравствени работници директно одговорни за здравјето на пациентите и за аптеките како нивни најблиски и најдостапни здравствени установи.